Голем интерес за влез на странски компании

Во моментов осум компании од автомобилската индустрија веќе имаат добиени локации, што е многу значајно со оглед на фактот дека претходно не постоеше ваков интерес за инвестирање во Македонија.

slika-mizooo.jpg-500
Ова во интервју за Курир го вели директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо кој нагласува дека дури и во услови на економска криза и во услови кога пазарот на автомобилската индустрија во Европа претрпе многу негативни влијанија нашата земја успеа да стане конкурентна и да привлече вакви инвестиции, но истовремено, како што вели Мизо, успеавме постојано да сме една од неколкуте земји кои мултинационалните компании ги разгледуваат како нови опции за инвестирање.
Тој нагласува дека она што ние го нудиме, не само што е поконкурентно од локации во Западна Европа, туку многу повеќе од тоа, ние стануваме поконкурентни од земјите во Централноисточна Европа. Според Мизо, она што е многу важно за најавените инвестиции кои ќе се реализираат во наредниот период е што поголем број од овие инвестиции ќе се реализираат во другите градови, што ќе придонесе за поголем регионален развој и дисперзирање на економската база.
Кои инвестиции може да ги очекуваме наскоро, имате ли најава за конкретна соработка со некој инвеститор и од каде?
-Во наредниот период веќе имаме потврда од неколку компании кои одлучиле Македонија да биде нивната следна дестинација. Тоа се две компании од областа на медицинска опрема и медицински материјали кои ќе бидат лоцирани во Скопје, потоа компании од автомобилската индустрија од САД, од кои едната ќе биде лоцирана во зоната во Кичево, а другата треба да биде лоцирана во Источна Македонија, поточно во кочанскиот регион, а тука е и веќе најавената германска инвестиција во Велес. Покрај овие, има и поголем број на други компании од различни земји со кои сме во завршни преговори и кои во есенскиот период треба да донесат конечна одлука. Македонија е во еден круг од две до три земји меѓу кои треба да се донесе конечна одлука. Сметам дека она што е многу важно е што тука немаме само инвестиции кои гравитираат кон Скопје, туку поголем број од овие инвеститори се заинтересирани за другите градови од внатрешноста на Македонија, што е многу важно од аспект на регионален развој и дисперзирање на она што значи економска база. Бидејќи во многу случаи компаниите бараат соодветна структура на работна сила, трошоци за работна сила, што значи дека некои од локациите на ТИРЗ надвор од Скопје во случајов Кичево е најсоодветна локација за нивната компанија.
До крајот на оваа и во текот на нареданата година се очекуваат уште 15-ина инвестиции во Македонија кои се речиси потврдени од компаниите. Идниот месец е најавено влегување на компанија од областа на автомобилската индустрија во технолошко-индустриската развојна зона во Кичево. За колкава инвестиција се работи и колку нови работни места ќе бидат отворени?
-Најавената инвестиција во Кичево ќе биде инвестиција која ќе започне слично како инвестицијата Џонсон Контрол во Штип. Тао значи дека ќе се започне со адаптација на постоечки објект, по што ќе следи обука и тренинг на луѓе, а во меѓувреме ќе се изгради нова гринфилд фабрика во рамките на ТИРЗ Кичево каде што ќе се префрли целото производство. Тоа ќе се случи во текот на идната година, а вкупниот број на вработени таму се очекува да достигне околу 700 луѓе. Ова е една голема мултинационална компанија која своите производи ќе ги пласира на европскиот пазар, бидејќи соработува со голем број европски компании. Во моментов имаме осум гринфилд компании од автомобилската индустрија кои се веќе лоцирани во Република Македонија. Ова е нешто што не постоеше пред шест години. Сега дури и во услови на светска економска криза, европска финансиска криза и во услови кога пазарот на автомобилската индустрија во Европа претрпе многу негативни влијанија успеавме да станеме конкурентна земја и да привлечеме вакви инвестиции, но истовреме активно да сме една од неколкуте земји кои мултинационалните компании ги разгледуваат како нови опции за инвестирање. Морам да кажам дека тука, пред се покрај сите подобрувања на бизнис климата,големо влијание имаат и видот и структурата на работна сила која ја нудиме, како од аспект на трошоците, така и од аспект на квалитетот. Секако тука е сето она што значи однапред дефинирани специфични локации во овие ТИРЗ, каде што самата инфраструктура е веќе подготвена. Од тој аспект многу е важна соработката со државата и помошта која ние ја нудиме при реализацијата на инвестицијата. Тука треба да се напомене дека голема улога има нашето присуство на меѓународните саеми. Присуството значи дека одеднаш стануваме земја која е интересна и автоматски влегуваме на мапата на поконкурентни земји. Она што ние го нудиме, не само што е поконкурентно од локации во Западна Европа, туку многу повеќе од тоа, стануваме поконкурентни од земјите во Централноисточна Европа.
Што е заедничко за сите компаниите кои сакаат да инвестираат во Македонија, кои услови најчесто ги бараат? Кои се пресудни фактори кои ги привлекуваат странските инвеститори да вложуваат во Македонија, даночните поволности, едноставтата постапка за отварање на компанија, ниската цена на трудот...
Многу е интересно што за секоја компанија сетот на критериуми не е секогаш ист, не се поклопува. Тоа зависи од неколку фактори, прво дали се работи за трудоинтензивна или капиталноинтензивна инвестиција, потоа зависи од тоа каде треба да се пласира крајниот производ и дали тој производ оди директно до крајниот производител на автомобили или е некаков вид на компонента која оди во некоја од нивните постоечки фабрики каде сето тоа треба да се склопи во некој краен модул. Од тој аспект големо значење имаат транспортот, далечината до крајниот пазар, цената на работната сила, бенифициите кои се многу важни, но се секогаш пресудни. Исто така, зависи и од тоа со кој земји сме во крајна конкуренција. Со некои земји каде бенефициите постоеле порано, а сега се намалени таму дирекно се споредува квалитетот на работната сила, општата бизнис клима и она што значи целокупни трошоци на работење. Додека со некои други земји каде цената на работната сила за таа инвестиција е пресудна се преговара за друг вид на државна помош. Даноците се многу ниски, имаме десетгодишно даночно ослободување, но мораме да сме свесни дека и други земји од регионот имаат многу ниски даноци. Ова е многу активна борба за секоја инвестиција, таа борба во услови на криза е уште поголема. Транспарентноста која постои денес е многу поразлична од таа пред 10 години. Имено секоја компанија на интернет може да направи длабинска анализа за условите кои ги нуди секоја земја. Така што во многу случаи проактивноста од наша страна е пресудна за ние да влеземе во таа анализа, а не консултанската фирма која ја прави таа анализа да ги земе во предвид само оние стандардни земји.
slika-mizooo2.jpg-500
Британската компанија „Џонсон Мети“ веќе започна со пробно производство во вториот погон во фабриката во Бунарџик. Дали компанијата ќе застане тука или планира уште да ги прошири своите капацитети со отварање на нови погони?
-За компанијата Џонсон Мети уште од почетокот беше алоцирана релативно голема парцела, бидејќи нивните планови беа прво да видат што ќе биде потребно од нивното портфолио на производи. Тука не се само катализатори, туку има и други производи за фармацевтската и петрохемиската индустрија. Пробното производство започна минатиот месец, а кон крајот на септември се очекува активно да почне со работа и втората фаза што директно ќе придонесе за зголемување на извозот. Минатата година оваа компанија беше носител на извозот. Специфично за оваа компанија е што и во услови на криза кога имаше намалување на побарувачката на автомобили во Европа, поради се поригорозните еколошки критериуми кои се наметнати од производителите на автомобили, катализаторите се се повеќе барани.
На почетокот на годинава Норвешката фирма "Нормак Инвестмент Груп" го презема стопанисувањето и менаџирањето со ТИРЗ Тетово до каде се таму работите и за кои други ТИРЗ се почнати активностите?
-Преку јавно приватно партнерство норвешката фирма "Нормак Инвестмент Груп" беше избрана да стопанисува со ТИРЗ Тетово во наредните 99 години. Она што е важно е што и од двете страни завршуваат активностите за започнување на ефективноста на договорот и започнување со изградба на инфраструктура. Врз основа на контактите што ги имавме со Кина, во разговорите помеѓу двајцата премиери беше разгледана можноста една од овие зони да биде понудена на кинески компании кои ќе управуваат и менаџираат со истата. Исто така, беше разгледана можноста уште една од зоната да ја понудиме на ЈПП, се надевам дека есенва ќе биде објавен уште еден повик за ЈПП на друга ТИРЗ. Следните неколку зони со кои ќе започнеме со градба ќе бидат зоните во Струмица, Струга и Радовиш.
Според економистите за македонската економија од посебно значење е квалитетот на странските директни инвестиции, односно сметаат дека се потребни повеќе гринфилд инвестиции кои овозможуваат повеќе вработувања, ново производство, увоз и извоз. Дали наскоро можеме да очекуваме повеќе вакви инвестиции?
-Главниот наш акцент е ставен на привлекување на што повеќе гринфилд инвестиции, бидејќи тие имаат наголем ефект врз економијата. Прво градат индустриски објект и имаат ново производство кое во поголем дел се извезува на европските пазари. Она што е важно е што овие инвестиции дирекно влијаат на зголемување на бројот на вработени, но и трансфер на технологија и знаење, бидејќи во многу случаи таквото свежо размислување на мултинационалните компании влијае на подобрување на работата на домашните компании. Истовремено нивната соработка со домашните компании како добавувачи е многу важна, бидејќи едно креирано работно место со вакви инвестиции ќе резултира со три до четири локално креирани работни места. Со Царинската управа имаме разговори за да направиме олеснување на процедурите за начинот на кој репроматеријалите кои од странство доаѓаат во зоните може да се трансферираат до домашните компании на доработка. Тука ќе ги намалиме бирократските процедури и трошоците кои ги имаат домашните компании. Поголемата соработка меѓу домашните и странските компании ќе влијае во остварување на поголем ефект врз македонската економија.
Колку странски инвестиции се планираат годинава и дали ќе се остварат овогодишните проекциите за странски инвестиции од 200 до 300 милиони евра?
-Според последните податоци од НБРМ во првите пет месеци од годинава имаме влез на странски инвестиции кој е за малку поголем од вкупниот број на инвестиции кои ги имавме во текот на минатата година. Неколку од овие најавени инвестиции ќе започнат со градба во втората половина од годинава, но истовремено треба да се земе во предвид и завршетокот на инвестициите кои започнаа да се реализираат минатата година. Важно е да имаме повеќе инвестиции кои ќе креираат нови работни места и кои ќе допринесат до поголем извоз и поголема додадена вредност. Сметам дека ќе имаме голем успех во привлекување на нови гринфилд инвестиции.


ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О