Американецот со македонски пасош Лестер Бо Мекејлеб, кој денеска го
одигра можеби најдобриот натпревар во дресот на македонската
репрезентација, беше вистински лидер на паркетот, поентер, асистент,
„крадец“, забивач, во едно време и диригент на навивачката фаланга, но
едноставно не можеше сам да ја совлада селекцијата на БиХ.
Неверојатно беше да се гледа со каква енергија популарниот Борче играше
во жолто-црвениот дрес. Коментарите тука беа дека и да играше за
селекцијата на САД, немаше да дава толку од себе, да се бори како лав,
да се нервира за секоја ситуација, едноставно да даде „120“ отсто за да
му ја донесе победата на својот тим. Поради тоа, тој е миленик на сите
спортски вљубеници кај нас. Но единствена штета е што денеска неговата
феноменална партија не беше крунисана со победа.