Жителите на Општина Центар кои досега чуваа домашни животни, живина или пчели по дворовите, треба да се простат од нив или да ги преместат на териториите на други општини, затоа што Центар со одлука на Советот забрани да се чува каков било вид крупна или ситна стока во нејзините граници.

Затегнати се и правилата за чување кучиња по домовите. Граѓаните што живеат во зграда, а чуваат куче во стан или во дворот на зградата, за тоа мора да имаат согласност од мнозинството станари. Со најновата Одлука за комунален ред во Центар е забрането да се чуваат кучиња што постојано лаат и завиваат, пренесува Дневник.
Она што остана за чување се гулабите, но под одредени услови.
„Се забранува чување секаков вид крупна и ситна стока, како што се коњи, маски, магариња, свињи, овци, говеда, живина (кокошки, гуски, мисирки, пајки) како и пчелни семејства. Исто така се забранува колење крупна и ситна стока и живина на јавните и сообраќајни површини, како и нивно терање и сместување во дворовите на станбени и на други објекти и места во Центар. Единствено е дозволено чување гулаби и тоа само во дворните места на куќите. По исклучок, со писмена согласност на станарите и урбаната заедница, може да се чуваат гулаби и во дворовите на зградите“, се вели во одлуката за комунален ред.
Според документот, гулабарникот треба да биде изграден од погоден материјал, со бетонски под, поврзан на канализацискиот систем и редовно да се одржува чист. Одгледувањето гулаби не смее да го попречува нормалното живеење на соседите, а во спротивно, комуналниот инспектор може да го задолжи одгледувачот да го премести гулабарникот или да го забрани одгледувањето гулаби, анализира Дневник.
Најголемо незадоволство граѓаните веќе изразуваат за кучињата.
Жителите на Центар може да чуваат домашни, ловџиски и кучиња со педигре и други домашни миленици, како мачки, птици итн. под услов тие да се регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да се редовно вакцинирани.
„Не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат. Сопствениците на кучињата и на другите миленици, треба да ги сместат и да ги чуваат така што животните нема да го попречуваат мирот и спокојството на соседите. Кучиња не смеат да се чуваат во станбени згради и во нивните дворови, освен ако сопственикот има писмена согласност од мнозинството станари“,е наведено во одлуката.
Сопствениците на ловечки кучиња, пак, се должни да ги држат врзани кога минуваат низ територијата на Центар.
Извор:СкопјеИнфо