Ако оваа нелегитимна и нелегална власт оди до крај, може да го судри народот меѓу себе преку религискиот момент или на партиска основа, предупредува тој.
Доказите што ги поседуваме покажуваат дека на парламентарните избори во 2011 година требаше да победи опозицијата, изјави Стево Пендаровски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат-м“.
- Власта не се покажа успешна во контрирање на ефектите од пресовите на СДСМ, па прогнозирам дека ќе се концентрира на судскиот процес, каде се суверени. Ке добиете толку години затвор колку што тие сакаат да добиете. Монтирани процеси и политички затвореници имавме досега и не би ме чудело да се направи уште еден. Меѓутоа, што и да прават, нивниот легитимитет е неповратно заминат, а ќе покажеме дека чинот на избор на оваа власт е нелегален – рече Пендаровски.
Според него, опозицијата по свои канали испраќа предлози за мирно надминување на политичката криза, кое во никој случај не подразбира пазарење со необјавување на материјалите што покажуваат криминал во редовите на власта.
- Случувањата во парламентот на 24 декември беше минијатура во споредба со недемократските практики на власта што ќе ги обелодениме. Ако тогаш кризата се резреши со посредништво на еврокомесарот Штефан Филе, тогаш не гледам како ова би се разрешило без меѓународна медијација. Се плашам дека мора да дојдат ако не сакаме да ни се случи 2001 без пушки, да ја загубиме државата сите… Ако власта оди до крај, може да го судри народот меѓу себе, дали преку религискиот момент или на партиска основа – предупредува тој.
Сепак, како што посочи, кризата е се уште во развој за да се очекува посериозна интервенција од страна на еврокомесарот Јоханес Хан, кој доаѓа во посета на Македонија.