Тимур Дибиров: Се наежив, солзи ми дојдоа, не можам да останам рамнодушен на ,,Комити”

Со срце на терен, пожртвуван, талентиран и неверојатно непредвидлив и опасен за противникот. Тимур Дибиров е ракометар со светски квалитет, дел од ракометниот клуб Вардар. Јавноста го знае од терен, но каков е тој приватно, како започнал да игра ракомет и што го прави најдобар од најдобрите дознавате од ова интервју.

Тимур, помеѓу стрелците во Лигата на шампионите си на 2 место. На што се должи тој голем успех?
Знаеш како, во мојата глава не стои тоа дека јас сум на 2-ро место и сега ајде да останам на тоа. Тој успех го должам на мојата екипа. Пред се многу работа, напорни тренинзи, голем труд вложен во кариерата и големата поддршка од тимот. Најважно ми е до каде е мојата екипа, на кое место сме пласирани. Среќен сум за мојот личен успех, но пред се, најсреќен сум за мојот тим Вардар. За себе нема да кажам дека сум талентиран за ракомет, ќе кажам дека се е само работа, желба и тренинг.




Твоите голови се атрактивни, имаш силен удар и шутираш од тешки позиции. Како ја постигнуваш прецизноста?

Немам формула за тоа. Јас сум само концентриран максимално на играта, сакам да ги реализирам сите мои удари, не се оптеретувам со тоа како и што ќе биде. Играм со срце на терен за мојот тим Вардар, сакам да сме најдобри. Шутирам од тешки позиции, ја наоѓам слабата точка на противникот и начинот на игра си го прави своето.

Играш на позиција крило, а најчесто ти ги изведуваш пеналите. Со која тактика го надмудруваш голманот кој е лице в лице со тебе?

Лут сум на себе кога нема да реализирам некој пенал. Работам на тоа да секогаш постигнам гол од седум метри. Тактиката е во ударот. Секогаш кога сум на таа линија се трудам да не промашам. Нормално, среќата е некогаш пресудна. Се е некогаш пресудно во тој миг кога шутирам пенал, посебно ако се работи за тесен резултат или мала разлика. Одговорноста да дадеш гол е уште поголема.



Играш за Руската Ракометна репрезентација, а 2008 го освоивте 6-тото место на Олимписките Игри во Пекинг, Кина. Што ја прави Руската репрезентација една од најдобрите во светот?

Олимписките Игри се нешто сосема поразлично од Светското и Европско првенство во ракомет. Кога си на Олимпијада резултатот е секогаш тесен. Труд, карактер и големо срце се пресудни за успех на олимписко ниво. Така игра репрезентацијата на Русија. Енергијата која се чувствува таму е уникатна. Не може да се спореди со ништо. Би ги советувал сите играчи кои имаат шанса да отидат на Олипијада барем еднаш. Да ја почувствуваат магијата на Олимписките игри.




Се уште си дел од Руската репрезентација. Би ги бранел ли некогаш боите на Македонија?

Ова е тешко прашање. Меч со две острици. Зошто не? Затоа што Македонија има одлична репрезентација и нема потреба од мене, тоа е најважниот момент. Јас играм за Русија. Македонија има посебно место во моето срце, но јас сум од Русија и обврска ми е да ги бранам боите на земјата каде што сум роден.

Минатата година Вардар оствари голем успех во Лигата на Шампионите, но буквално за влакно не обезбеди пласман во Фајнл Оф турнирот. Што се промени во тимот оваа сезона, дали пораснаа Вашите апретити и подготвени ли сте да одите чекор подалеку?

Сигурно дека пораснаа нашите апетити и секако дека сме подготвени да одиме понатаму. После се што поминавме, ние како тим оваа сезона го даваме максимумот од себе. Квалитетен екипа сме, имаме што да покажеме на терен. Се што посакувам е уште малку повеќе среќа да не прати. Да нема повреди кај играчите, да имаме среќа со ждрепката. Тие се некои работи кои не зависат од нас, тоа е фактор среќа. Не можам да кажам што ќе се случува понатаму. Можам само да кажам дека Вардар е одличен оваа сезона.



По распаѓањето на Металург, Вардар моментално е без конкуренција. Може ли тоа да има негативен ефект врз тимот?

Ова е лошо за македонскиот ракомет во целост. Тоа може да влијае и на репрезентативен план. Ни Вардар може без Металург ни Металург без Вардар. Конкуренцијата е здрава. Лошо е кога се случуваат такви работи. Нека размислат оние кои имаат барем некакво влијание во ракометот да реагираат некако. Да го вратат Металург на нивото кое го заслужува. Дефинитивно има негативен ефект во ракометот воопшто.

Како според тебе изгледа идеален ракометен тим во Европа?


ВАРДАР! Идеалниот ракометен тим според мене се моите соиграчи, мојот тим, Вардар. За мене тој е најдобриот тим. Можам да ги споменам Карабатиќ, Лазаров...но кога ќе земам се во целина, тоа е мојата екипа. А ако ме прашаш кој сакам да дојде во Вардар тоа дефинитивно би бил Карабатиќ, Хансен, Кире Лазаров.




Кој е најдобриот и најкомплетен ракометар во Европа според тебе?

Според мене најдобар е Никола Карабатиќ. Убедливо се издвојува во својот квалитет на игра.

Што те инспирираше да започнеш да тренираш ракомет?

Во градот во кој сум роден нема големи и познати екипи во областа на ракометот, фудбалот, кошарката. Постои школа која ги поддржува талентираните деца да тренираат спорт кој го сакаат. Дојде тренер, ме праша дали сакам, виде талент во мене и така почнав.

Кој е твојот идол во ракометот?

Ова за мене е тешко прашање затоа што во вакви ситуации сум пристрасен и љубоморен. Сакам да сум најдобар. Никого не фаворизирам или некој ми е идол, јас само ги почитувам ракометарите кои се навистина пожртвувани на терен. Ги има неколку, тоа се мои пријатели, мои познаници, но никој не е мој идол.

Навивачите на Вардар се луди по тебе. Многу те сакаат и почитуваат. Се исполнија ли твоите очекувања, задоволен си од тоа дека играш во Македонија?

Како да не сум задоволен, кога додека ти ми го поставуваш прашањето јас се наежив. Пресреќен сум дека играм за Вардар, кога ќе ги видам навивачите како без резервно ми ја даваат поддршката, секогаш, на секој натпревар. Тоа за мене многу значи. Во навивачите ја гледам големината на еден тим. Вардар е огромен тим за кого чукаат многу срца, а тоа посебно ме радува. Има голема љубов помеѓу навивачите и играчите.




Ја има ли Вардар најдобрата публика и најверните навивачи, Комитите?

Во тоа сум сигурен. Ако навивачите на турскиот фудбалски тим Галатасарај важат за најдобри, тогаш во ракометот тоа се навивачите на Вардар. Нема подобра и погласна група која може да те мотивира, да те направи среќен и горд.

Важиш за еден од омилените играчи во Вардар. Ти приоѓаат ли секојдневно фановите и навивачите?

Јас сум секогаш тука за нив. Сакам да им одговорам на нивните прашања, да се сликам со нив. Никогаш не можам да им кажам не. Секогаш сум тука за нив, како и тие за мојот тим.

Кој ти беше првиот впечаток кога дојде во Македонија?

Прво што помислив беше дека сум го направил најдобриот и најправилен чекор во мојата кариера. Имав среќа да дојдам да играм за Вардар. Веќе сум 2 години овде и секој ден се будам со мислата колку е убаво што сум овде и среќен сум дека го направив вистинскиот потег во мојата кариера.




Еден ден ако си заминеш од Скопје, од Македонија, што ќе ти недостига најмногу?

Не сакам да мислам на тоа. Во моето срце е Скопје, ја сакам Македонија, така што овие моменти кои сега ги доживувам ќе ги паметам засекогаш. Сонцето, вкусот на кафето, животот, луѓето, многу ми е убаво овде.

Доаѓаш често во бистро-бар Барбакан. Што ти се допаѓа најмногу?

Се ми се допаѓа во Барбакан. Ми се допаѓаат како луѓето се расположени со мене. Од првиот ден кога дојдов овде, се почувствував како да цел живот сум јадел во Барбакан. Храната е одлична, амбиентот, луѓето...се е убаво во Барбакан.

Што ти се допаѓа најмногу во твојот клуб Вардар?

Ова ќе го кажам во еден здив...Навивачите. Ништо не е подобро од нив. Ако не се навивачите онакви какви што се, тешко е да се гради таков клуб како Вардар. Без нив би било многу, многу потешко. Еден без друг не се може, Вардар без Комити, Комити без Вардар.

Кој е Тимур Дибиров приватно?

Јас сум сосема различен од она што сум на терен. Ако таму сум импулсивен, емотивен и бунтовен, приватно сум мирен. Ќе се испразнам додека играм и се натпреварувам, после сум многу повлечен и смирен. Сакам слободното време да го поминувам со мојата фамилија, сакам да се дружам, сакам да разговарам со различни луѓе, сакам да муабетам. Тоа ме полни со енергија која ми е потребна на терен. Сакам брзи коли, уживам во брзо возење. Тоа е адреналин кој ми дава дополнителна сила и многу позитивна енергија.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О