Вчера судот ѝ изрекол затворска казна на италијанската актерка Орнела Мути поради тоа што глумела дека е болна за да избегне претстава во театар и наместо тоа да појде на вечера со рускиот претседател Владимир Путин.
Судот во Порденоне во североисточна Италија ја прогласил 59-годишната Мути за виновна за измама, откако утврдил дека во декември 2010 година таа убедила доктор лажно да ѝ издаде потврда дека боледува од ларингитис за да го избегне договорениот настап во театарот Верди во Трст.
Актерката која за настапот добила околу 25.000 евра наместо тоа, отишла на добротворна вечера во родниот град на Путин, Санкт Петербург, на која присуствувал и американскиот актер Кевин Костнер.
Судот ја казнил актерката со 600 евра и ѝ изрекол казна од осум месеци затвор, а таа може да биде претворена во условна казна, доколку со 30 илјади евра ја надополни штетата која му ја нанела на театарот.