Тоа што е факт, е што Владимир Путин не се појавил во јавноста уште од 5-ти март.
Зошто рускиот претседател не се појавува во јавноста? Постои сомнение дека се случува нешто чудно и претпоставките дека рускиот претседател е болен станале поголеми, откако било објавено дека нема да присуствува ниту на состанокот на Федералната служба за безбедност, јавува кинеската агенција Sinhua.
Неговиот портпарол, Дмитриј Песков, соопштил дека Путин, кој инаку секогаш претседава со овие состаноци, овој пат нема да дојде.
Тоа што е факт, е што Владимир Путин не се појавил во јавноста уште од 5-ти март.
Потсетуваме, Песков неколку пати веќе негирал дека е Путин болен, посебно кога се дознало дека го откажал патот во Казахстан.
"Средбата во Астана е одложена", рекол вчера Даурен Абајев, советник и портпарол на казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев.
Абајев не навел причина за одложувањето на посетата планирана за оваа седмица меѓу челниците на овие две сојузнички земји, ниту пак кажал кога ќе се одржи. Извор во казахстанската влада рекол дека посетата е можеби одложена поради болест.
Руската агенција Interfax ја пренела изјавата на портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, кој го потврдил одложувањето на состанокот, но и додал: "Претседателот се чувствува добро".
Washington Post пишува дека во средата официјален Кремљ објавил фотографија од Путин, кој се состанал со еден гувернер на Карелија. Но, од друга страна, една локална веб страна објавила дека Путин со гувернерот се состанал на 4-ти март. Медиумите јавуваат дека Кремљ со денови објавува вести кои се буквално рециклирани.
Ова, како што наведува весникот, се случува во авторитарни режими. Тоа се случило и во Северна Кореја, кога Ким Јонг Ун се појавил во јавност по неколку седмици отсуство.
"Тој тогаш продолжи по старо, без никакво реално објаснување. Немојте да се изненадите доколку тоа се случи и во Русија. Русија не е Северна Кореја, но има персонализиран политички систем. Малку работи се случуваат без дозвола на Путин. Тешко е да се замисли како земјата би реагирала и функционирала доколку тој е навистина болен", пишува Washington Post.
Весникот потсетува дека во периодот на СССР, тројца од комунистичките лидери, починале одненадеж за време на мандатот. Наведен е примерот и со Борис Јелцин, кој поради нарушено здравје и голема склоност кон алкохолот, знаел ненадејно да отсуствува.
"Путин, секако, не е исто што и Јелцин. Но многу Руси сметаат дека државата би лажела за здравјето на шефот на Кремљ", заклучува Washington Post.