Љубезни и насмеани со пристојна и уредна облека. За една недела вака треба да изгледаат здравствените работници.
Правилникот за хоспитална култура е објавен во Службен весник, а денеска го добија и менаџерите на болниците и клиниките. Лекарот не смее да има приватни телефонски разговори пред пациенти. Да не го повишува тонот пред болен. Сите забелешки да ги сослуша со трпение и почит.
Во иднина бел мантил ќе носат само лекарите. Светло сината униформа е наменета за медицинските сестри. Целта е полесна идентификација на здравствените работници за да нема забуни кој е доктор, а кој болничар.
- Ние на Урологија немаме проблем со односот со пациенти. А се знае што подразбира овој протокол, сестрите да носат чорапи, затворени кломпи, да бидат уредни и пристојни, вели прим. д-р Михаил Пенев директор на Клиниката за Урологија.
Дрес кодот е важен сегмент од хоспиталната култура. Тоа значи дека од наредната недела нема повеќе чипки, деколтеа и нападни шминки на работните места и секси медицински сестри и лекарки.