Шалке ја наполни мрежата на Реал, но не се случи чудо...

Реал Мадрид и Шалке одиграа фантастичен меч вечерва на „Сантијаго Бернабеу“. Германците славеа со 3:4, но не обезбедија пласман во четврт-финалето од Лигата на шампионите.

После подолго време ги видовме „Кралевите“ како се бранат и чуваат резултат на „Сантијаго Бернабеу“. Шалке славеше со 4:3, но гостите од Гелзенкирхен останаа „кратки“ за еден гол и не направија сензација во Мадрид.

Шалке немаше што да загуби вечерва и без пет-шест важни фудбалери жестоко тргна во напад сред Мадрид. Фухс во 20-та минута погоди за 1:0, а Кристијано Роналдо само пет минути подоцна погоди за 1:1. Примениот гол не ги обесхрабри фудбалерите на Шалке, па германскиот тим стигна до ново водство со голот на Хунтелар во 40-та минута. Во моментите кога се слушаа исвиркувања од трибините на „Бернабеу“, расположението на навивачите го поправи Роналдо кој во самиот финиш од првиот дел погоди за 2:2.

На почетокот од вториот дел Бензема погоди за пресврт и 3:2, но Германците, типично „германски“ продолжија со упорноста и Сане во 57-ма минута феноменално од работ на шеснаесетникот по трет пат вечерва го израмни резултатот. Кога се чинеше дека Германците се откажаа, следуваше нов шок за фудбалерите на Реал - Хунтелар погоди во 84-та минута за 3:4 и ја врати неизвесноста на мечот.

Фановите на Реал не можеа да поверуваат што се случува, нивниот тим автоматски се повлече и се бранеше, а „Сантијаго Бернабеу“ два пати занеме до крајот на мечот кога се заканија Сане и Хеведес. Сепак, Германците немаа сили за сензација во Мадрид, па Реал Мадрид продолжува на патот кон одбрана на титулата во Лигата на шампионите, а Шалке херојски се враќа во Гелзекирхен.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О