„Откако добив отказ по трет пат, во 1978 година основав компанија за советување. Неколку години се занимавав со тоа, но беше тешко. Сепак, работев за себе. Потоа започнав бизнис со пријател“, раскажува тој.
Но, тогаш по втор пат се нашол на улица, без покрив на главата.
„Во 1980 година мислевме дека имаме половина милион долари за започнување на фирмата, но човекот едноставно се повлече. Немавме друга опција, инфлацијата во САД беше над 12%, каматите беа 17%, тоа беше страшно време, но веруваме во тоа што го работевме. Започнавме бизнис со 700 долари“, раскажува тој.
Тогаш се разделил од втората сопруга и се иселил од куќата, спиел во автомобил и научил како да преживува со неколку долари на ден.
Кога бизнисот конечно тргнал, најсреќен бил поради тоа што ќе може навечер да спие, наместо да се грижи за тоа дали ќе има да ги плати сметките.
Во текот на кариерата инвестирал во различни производи, од безжични мобилни услуги до сируп за кашлица. На прашањето дали е тешко да се остане приземен покрај толку пари, вели дека е лесно, бидејќи е благодарен што имал пари и никогаш не ги заборавил луѓето кои му помогнале.
„Мислам дека тоа е поради моето воспитување. Како дете мајка ми ме учеше да давам, а немавме многу. За Божиќ секогаш дававме малку пари за Војската на спасот, мајка ми велеше дека ним им е потребно повеќе отколку нам“, вели тој за Business Insider.
Најдобриот совет што го добил во животот е кога работел како продавач на енциклопедии.
„Во фирмата ни зборуваа да не се откажуваме кога е најтешко, дека мора да почукаме на 25, 50 или 100 врати со поеднаков ентузијазам како на првата затворена врата. На младите, но и на постарите деловни луѓе секогаш им велам дека мораат да бидат подготвени на одбивање, но никогаш не треба да го изгубат ентузијазмот“, додава тој.
Иако не може да биде во контакт со сите вработени, вели дека секогаш можат да му се јават.
„Кога некој ќе направи добра работа, пофалете го гласно пред повеќе луѓе. Кога морате некого да го укорите, направете го тоа зад затворена врата, објаснете му дека работи погрешно и како треба да ги исправи грешките. Потоа кажете му дека работи и нешто добро, за да си замине со убаво чувство“, гласи неговиот совет до сите шефови.