Средношколци: Бојкотот ќе трае додека Адеми не нè повика на средба

Речиси 18 илјади средношколци на ниво на Македонија во моментов ја бојкотираат редовната настава во училиштата и очекуваат средба со министерот за образование Абдулаќим Адеми, за која тој вети дека ќе ја организира неделава.

Со вонучилишни активности, дебати и друштвени игри, учениците дел во училишните дворови, а во некои училишта и внатре во ходниците го спроведуваат бојкотот на наставата.

Средношколците се решителни во намерата преку бојкот да го натераат ресорниот министер да ги повика на дебата, а потоа да ги повлече и измените во полагањето на државна матура.

Освен укинувањето на математика како задолжителен предмет за полагање при државна матура, средношколците бараат да се врати стариот концепт на полагање државна матура, односно да се отфрли електронското тестирање кое според нив е нефункционално и да се сопре екстерното тестирање.

Тие велат дека за време на бојкотот кој започна во понеделникот и сè уште тече, директорите и класните раководители постојано организираат вонредни родителски средби со цел, како што велат учениците да се спречи бојкотот.

„Притисоци имаме како од професорите така и од директорот. Ние и понатаму продолжуваме со бојкотот, имаме организирано различни активности. Продолжуваме сè додека министерот не најде време да се сретне со нас.“

„Родителите се известуваат преку е-маил да доаѓаат на вонредни родителски. Има родители што нè поддржуваат потполно, мал број се оние кои прифаќаат да се прекине со бојкотот, “ велат за НОВА средношколци од скопската гимназија „Георги Димитров“.

За разлика од „Георги Димитров“ во гимназијата „Никола Карев“ приритоците врз средношколците се намалени.

-Нема да престанеме со бојкотот сè додека министерот Адеми нема да нè повика на средба со точно време и датум кога ќе биде таа одржана. Во моментов се откажаа како институции се тргаат не нè присилуваат да се вратиме во училница, бидејќи видоа дека не се откажуваме, изјави за НОВА средношколец од гимназијата „Никола Карев“.

Бојкотот на ниво на Скопје моментално се спроведува во осум средни училишта. Вечерва на генерален состанок на скопскиот огранок на Средношколски пленум, учениците ќе одлучат дали од понеделник мерките ќе се радикализираат.

НОВА побара одговор од службата за односи со јавност при министерството за образование, но лицата задолжени за медиумите, до објавувањето на овој текст беа на состанок.

Освен во Скопје, бојкотот на наставата зема сè поголем замав и во Тетово, Куманово, Охрид и Струмица.

Мапата на бојкотот на училишта на ниво на Македонија, може да ја погледнете тука.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О