ЕУ стави крај на владината пропаганда финансирана со народни пари

Приоритетите на Европската унија во делот на медиумите, а особено препораките на експертскиот тим на Унијата за состојбите со медиумите во Македонија, во рамките на разрешувањето на актуелната криза, ставија јасни рамки преку кои не ќе може да се премине за и понатаму да се спроведуваат недемократските манипулативни политички и отворено криминални акробации на власта, кога станува збор за нејзиното влијание врз седмата сила во земјава.


Пишува: Владимир Петрески

Иако треба да се види како ќе тече спроведувањето на овие препораки и иако власта има сѐ уште начини како на недемократски начини да влијае врз медиумската сцена и да врши пропаганда од путинистички карактер, на каква што се веќе подолго време жртви граѓаните на Република Македонија, просторот за делување на актуелната врхушка драматично се намалува.

Ова намалување се однесува особено во однос на притисоците и манипулациите со Македонската радио телевизија, злоупотребите на владиното рекламирање, преку кое десетици милиони евра секоја година се одлеваа во провладините медиуми, затвореноста на институциите со отвореното кршење на Законот за слободен пристап до информации и, најважно, крај на бројните и безочни тужби од страна на владејачката камарила и нејзините новинарски загари врз критичкото новинарство, додека истовремено самите отворено и неказнето користeа говор на омраза, што им беше овозможено од страна на политизираното судство.

Со потписот на Никола Груевски врз меѓупартискиот договор од 2 јуни и анексот од 19 јуни, а со кој се изразува согласност да се спроведат во дело сите наоди, приоритети и препораки на Европската унија, не само што се признава постоење на „сериозни индиции“ дека прислушувањето е вршено од страна на УБК, а за потребите на власта, туку и се призна дека сите проблеми со кои се соочуваше новинарската професија изминатите години се реални, конкретни и вината за нив лежи исклучиво во рацете на власта.
ПРОБЛЕМИТЕ ВО МЕДИУМИТЕ ДОБИЈА ЛЕГИТИМИТЕТ И ОД ВЛАСТА

Тој потпис, покрај безусловното признание за сопствената вина за состојбата во медиумите, претставува и контрадикција на настапот на претседателот Ѓорге Иванов на Телма само еден ден претходно, каде што тој изјави дека извештајот на „Фридом хаус“ бил само „перцепција“. Груевски, потпишувајќи дека ќе ги спроведе во дело сите препораки на ЕУ, му даде легитимитет и на извештајот на „Фридом Хаус“, како и на оние на „Репортeри без граници“ и на ИРЕКС за одржливоста на медиумите, зашто овие извештаи се прифатени како релевантни во препораките на експертите на Унијата.

За разлика од недоветните аргументи, кои ги слушаме во земјава за тоа дека овие извештаи се финансирани од Сорос, дека се пишувани од лица блиски до опозицијата и слично, експертите на ЕУ, своите препораки во однос на медиумите веднаш ги започнуваат токму цитирајќи ги наодите на овие извештаи со цел да ги лоцираат проблемите во професијата. Ова е навистина освежувачки пристап, без да има потреба од било какви оправдувања со оглед на тоа што станува збор за меѓународно признати истражувања, спроведени врз објективна методологија. Владината пропаганда деновиве оди дотаму што вели дека самата ЕУ била изманипулирана од овие извештаи. Ова значи дека нивните автори од земјава најпрвин ги измамиле овие три организации, а потоа таквата измама продолжила и врз самата Унија. Се разбира, ова е само лоша и потсмешлива теорија на заговор и треба да сте „избегани“ од реалноста за навистина да се согласите со точноста на еден ваков сеевропски заговор против актуелната власт во земјава на полето на слободата на медиумите.

Од експертските препораки за професијата најважна е онаа каде што на судовите им се вели дека кога судат предмети од областа на клеветата и навредата, тоа треба да го прават на балансиран начин и да не обраќаат внимание на можните политички импликации од конкретниот случај. Од нив се бара и да „развијат чиста и силна практика за заштита на слободата на изразување во поглед на обвинувањата за клевета“, а се додава и дека „посредувањето и саморегулацијата треба да игра важна улога во редуцирањето на високиот број на случаи во судовите“. Ова треба да им стави крај на политичките процеси против новинарите, каде што тие се судат само зашто се критички настроени кон власта и повеќе никогаш да не видиме пресуда врз новинар, на пример, за објавено интервју со лице кои било на функција амбасадор само неколку месеци претходно, при што судењето се врши само зашто во него има обвинувања врз актуелниот директор на ДБК, каков што беше случајот против колегите од неделникот „Фокус“, кој против нив го покрена Сашо Мијалков. Исто така, повикот за балансираност ќе значи соочување со правдата за сите оние кои користат говор на омраза и кои навистина клеветат, нешто што досега не беше можно заради политичката заштита која ја уживаа тие лица.

Владините реклами купувани на нетранспарентен начин и без никаква потреба ќе треба да престанат веднаш. Тоа јасно се кажува со следниве зборови од експертскиот извештај: „Купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо.“ Ова е особено важно зашто е крајно штетно и за професијата и за демократијата во земјата. Со тие пари се корумпираше новинарството, а власта безмерно даваше пари на оние медиуми кои најмногу ширеа нетрпеливост, па и омраза, а немаше потреба дури ни да има тендер ако стануваше збор за портал или печатен медиум. Кај телевизиите тендери имаше, но тогаш убедливо најголеми суми пари се даваа на провладините телевизии со оправдување дека биле најгледани, додека останатите една или две телевизии добиваа симболични суми само со цел власта да може да се покрие и да каже дека дава средства на сите.

Допрва треба да видиме како ќе оди реформата во МРТ и какви чекори ќе бидат преземени таму со цел јавниот радиодифузен сервис да биде ослободен од стегите на власта, од безумната пропаганда и од крајно необјективното информирање. Добар показател за тоа ќе биде, секако, секоја наредна емисија на вести, но и идните дебатни емисии, на пример, и изборот на гостите во нив. Ако продолжи праксата цела плејада на слободни интелектуалци и критички новинари да бидат на „црна листа“ во МРТ, како и досега, тогаш ЕУ ќе мора директно да интервенира и да бара конкретни кадровски промени.
ОПАСНОСТИ СЀ УШТЕ ДЕМНАТ

Пропагандата власта секогаш може да ја засили и да ја „индустријализира“ што би се рекло, односно да почне да ја произведува на индустриска скала. Досега, бројот на написите кои сеат пропаганден отров, потекуваат од владејачката партија и се објавуваат на порталите се најблиски до власта, а потоа и се преземаат од сите провладини портали, телевизии и весници изнесуваше по еден до два дневно, за нивниот број да се зголеми на три до пет во текот на актуелната криза и објавувањето на прислушуваните разговори. Оваа динамика може и понатаму да се зголеми, да опфати и други начини на новинарско изразување преку пропагандни професионално изведени видео и анимирани прилози како што тоа се прави во Русија, потоа да опфати клеветење на уште поголем број критички новинари, интелектуалци, активисти и слично, како и да се прошири на уште повеќе медиуми и тоа особено на локалните, кои досега, барем, беа прилично оставени настрана од ширењето на провладиниот пропаганден отров.

Особено загрижуваат неодамнешните комплетно нејасни зделки со кои локални и регионални телевизии во различни градови во земјата беа купени од страна на лица блиски до владејачката партија. Зделките се крајно сомнителни со оглед на фактот што 6 телевизии од различни сопственици беа продадени во многу кус период и тоа на 3 фирми кои беа регистрирани во ист ден и кои одеднаш, веднаш по продажбата, почнаа да делкаат владини реклами, при што некои до нив само неколку недели по купопродажбата прикажаа значителни добивки, какви што ги немале никогаш. Овие зделки треба бездруго да бидат испитани од страна на надлежните институции (финансиска полиција), особено што сопствениците, сите до еден, одбиваат да го објаснат потеклото на средствата со кои се купени телевизиите.

Следен момент, кој носи загриженост, се политиките на актуелната власт во однос на финансирањето на програми на македонски јазик со цел заштита на јазикот и развој на национална ТВ продукција. Тука треба да се спроведе силен мониторинг и да се внимава и на сумите и на проектите кои се финансираат, како и на кои медиуми се доделуваат овие средства. Не смее никако да се дозволи средствата кои власта досега ги доделуваше за рекламни кампањи да продолжи да ги доделува и понатаму, сега само замаскирани со друга наводна намена и да се обезбеди парите за ваквата продукција да бидат потрошени само за неа и за ништо друго, како и таа да нема политичко-пропагандни содржини.

Сѐ на сѐ, се наоѓаме на почетокот од патот кој треба да се изоди за малку од малку да се средат состојбите во професијата и во однос на политичките притисоци, но и генерално (има препораки и за работните услови на новинарите). Како ќе се одвиваат работите останува да се види и дали нешто во врска со медиумите ќе биде испреговарано во понатамошниот тек на преговорите, но и што ќе се случува во целиот период до априлските избори идната година, па и потоа. ЕУ сега уште поблиску ќе ги гледа и анализира состојбите во земјава, а меѓу нив и медиумите и тешко дека ќе дозволи работите да се влошат повторно, за пак да мора нејзини претставници и експерти да бидат ставени во позиција да гаснат пожари каков што е овој актуелниов.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О