Италијанскиот премиер Матео Ренци, се заканил со "план Б" кој ќе ѝ наштети на Европа, доколку Италија не добие поголема поддршка за згрижување на мигрантите.
Франција во четвртокот им забранила влез во земјата на 200 мигранти на границата со Италија, во пограничното место Вентимиља. Мигрантите, повеќето од Африка, кампувале два дена на границата, а во саботата навечер биле растерани од италијанската полиција.
На фотографиите се гледа како мигрантите чекаат на камените карпи, а покриени се само со ќебиња за прва помош, кои им биле доделени од здравствените работници.
Вчера 150 од нив престојувале на железничката станица во Вентимиља. Требало да бидат сместени во прифатни центри. Претставникот на здружението "Лекари без граници", Филипе де Ботон, рекол дека "санитарната состојба на мигрантите не е катастрофална, но дека целата ситуација е политички срам", и ги обвинил политичарите за “молчење".
"Што е со нашите човечки права?", извикувале некои од вознемирените мигранти, кои тврдат дека полицијата била груба кон нив. Некои одлучиле да штрајкуваат со глад, додека други организирале кампување на границата и се обиделе да го блокираат сообраќајот.
Имало и голем број на жени и деца меѓу мигрантите, а поголем број од нив потекнуваат од Сомалија и Судан. До Италија дошле, како и голем број на мигранти во последните месеци, пловејќи со брод кој тргнал од Либија. Мажите одбивале да ја јадат храната која ја донел италијанскиот Црвен крст, додека жените и децата јаделе.
Многумина од нив се надевале дека ќе дојдат до Германија, Британија или Шведска, каде сакале да побараат азил, но француската полиција претходно за AFP изјавила дека Владата им забранила да ги пуштат во земјата.
"Не се враќаме назад, мора да поминеме", пишувало на еден натпис, додека на друг пишувало "Потребна ни е слобода". "Нема да јадеме. Вчера преку ден бевме изложени на топло, а вечерта на студ и дожд. Доколку треба тука да умреме, нема потреба да јадеме", рекол 20-годишниот мигрант Мустафа Али.
Градоначалникот на Вентимиља, Енрико Јокулано, изјавил за новинарите дека неколку мигранти наводно успеале со воз да побегнат во Франција.
Ренци има "План Б" - Италијанскиот премиер Матео Ренци, се заканил вчера со "план Б" кој ќе ѝ наштети на Европа, доколку Италија не добие поголема помош од Брисел за згрижување на мигрантите.
Тој истакнал дека од почетокот на годината Италија спасила и згрижила 57.000 мигранти и баратели на азил. Ренци најавил дека оваа седмица за овој проблем ќе разговара со своите француски и британски колеги во Милано, како и со претседателот на Европската комисија и германската канцеларка Ангела Меркел.