После првите шпионски фотографии кои се појавија на интернет мрежата, а потоа и бројните камуфлирани прототипови на Нурбургринг, но и на австрискиот Red Bull Ring, новата генерација на BMW 7 Series и конечно го здогледа светлото на денот.
Како што може и да се заклучи, некои големи суштински, па и дизајнерски пресврти, нема, па слободно може да се каже дека оваа генерација (G11, односно G12 со продолжено меѓуосовинско растојание), е еден вид на еволуција во однос на својот претходник.

Во прилог на тоа тврдење оди и фактот дека меѓуосовинското растојание кај новата генерација е идентично со она кај својот претходник – 3070mm (3210 милиметри за G12), а иста е дури и широчината на возилото. Но, како и што се очекуваше, седмицата пораснала во должина на 5.098 метри, што значи за цели 19 милиметри (18 mm за G12), додека вкупната височина е зголемена за 7 милиметри.


Но, и покрај зголемувањето на димензиите, новата Серија 7 е за солидни 130 килограми полесна од својот претходник, пред сè благодарение на употребата на CFRP материјали, односно специјална пластика која е зајакната со карбонски влакна, но и новиот, нешто полесен мотор.
Еден од нив е и новиот B57 мотор, кој ќе се вградува во 730d верзијата, инаку една од најпродаваните и најпопуларните. Новата 3.0-литарска турбодизел единица ослободува 265 КС и дури 620 Nm вртлив момент. Истовремено, овозможува спринт до 100 km/h за сè на сè 5.8 секунди, со веќе традиционално електронски лимитираната максимална брзина од 250 km/h.

Друг новитет е бензинскиот, исто така тролитарски шестоцилиндарски турбо мотор, со интерна ознака B58, кој ќе ја придвижува верзијата 740Li. Во однос на претходниот N55 агрегат, ослободува нешто поголема моќност (326 КС), со идентичен вртлив момент (450 Nm), што обезбедува и "спринт" до 100 km/h за сè на сè 5.5 секунди, како и максимална (лимитирана) брзина од 250 km/h.
За првата половина на 2016-тата година BMW најавува и plug-in hybrid верзија 740е, која ќе користи комбинација од бензински агрегат и електромотор, која е веќе применета на моделот X5 xDrive40e. Се работи за 2.0-литарски турбо бензинец B48, кој во соработка со електромоторот, обезбедува вкупни 326 КС и 650 Nm вртлив момент, што е и повеќе од доволно за спринт до 100 km/h во траење од 5.6 секунди, со максимална брзина од 240 km/h.



Во чисто електричен режим на работа, радиусот на движење изнесува околу 40 – 45 километри, при брзина до 120 km/h. Декларираната емисија на CO2 гасови за верзијата 740е изнесува одлични 49 g/km, додека просечната потрошувачка изнесува 2.1 литри на 100 изминати километри.
Она што најмногу ќе ги израдува љубителите на BMW се секако помоќните мотори, најавени пред сè за верзијата 750i xDrive – 4.4-литарски V8 twin-turbo кој ослободува 450 КС и има 650 Nm вртлив момент, со помош на кој оваа лимузина до 100 km/h стига како вистински спортски автомобил, за сè на сè само 4.4 секунди. Најавена е и помоќна 6.0-литарска V12 twin-turbo единица, која нешто подоцна ќе биде дел од понудата, а истата ќе придвижува и некои Rolls-Royce модели!


Покрај новите мотори, Серијата 7 изобилува и со бројни геџети во ентериерот, почнувајќи од iDrive системот кој го следи дисплеј со дијагонала и до 10.2 инча, а тука е и WiFi, бежичното полнење за телефонот, како и преносивиот таблет со дијагонала од 7 инча, преку кој е можно да се контролираат функциите на "Седмицата" и додека сте вон возилото.
Сепак, најголема новина е Parking Assistant системот кој му овозможува на возилото само да маневрира во потрага по соодветен паркинг простор, без потреба во него да се наоѓа возачот или некој од патниците, а се активира преку систем за далечинско управување, со помош на новиот, таканречен Display Key уред.


Објавени се и цените за германскиот пазар за новата Серија 7, а најевтиниот модел 730d, стартува од 81.900 евра, додека продолжената верзија 730Ld стартува од 87.700евра.
Моделот 740i чини 87.600 евра, додека моментално најскапиот модел во понудата е 750Li xDrive за кој треба да се издвојат дури 112.700 евра.