Документите откриваат дека Блер во ист трошок патувал како пратеник за Блискиот исток и вршел приватни работи поради што е обвинет за потенцијален судир на интереси. Блер, стои во документите, неделно посетувал пет различни држави, што државата ја чинело помеѓу 14 и 16 илјади фунти.
Еден британски амбасадор опишал и дека бројни компании поврзани со поранешниот премиер, вклучувајќи ја и адвокатската канцеларија на неговата сопруга, "душкале" во една европска држава. За време на патувањата, Блер го следел полициски тим чии плати, прекувремената работа, трошоците за патувањата и храната, ги плаќала државата.

На некои патувања го следеле осум полицајци од различни рангови, додека најмалку четворица останувале во неговата куќа во Британија. Секој од нив заработувал најмалку 56.000 фунти, но цифрата достигнувала и 70.000 фунти поради прекувремената работа во странските држави.
Документите во кои британски Telegraph имал увид, се дел од истрагата за работните интереси на Тони Блер, и покажуваат дека поранешниот премиер внимателно негувал односи со највлијателните политичари и бизнисмени во светот, а кои денес претставуваат најверни клиенти кои за неговите совети плаќаат милиони.

Сепак, се сугерира дека тоа довело до низа судири на интереси, со оглед на тоа дека неговата платена работа се косела со неговата непрофитна функција како пратеник за Блискиот исток, од која ќе се повлече кон крајот на овој месец по цели осум години.

"Многу е невкусно. Блер ги користел своите патувања како пратеник за да врши приватни бизниси", рекол еден од амбасадорите кои присуствувале на состаноците. Истрагата покажала и дека Блер престојувал во хотели со пет ѕвезди, што државата ја чинело по 1.000 фунти за секој телохранител.
Блер користел и авиони за кои плаќале неговите клиенти и владата. Исто така, Блер обезбедил приватен договор вреден милион фунти со Светската банка, додека истовремено со неа соработувал како пратеник.
