Вчеравечер во Метцинген, недалеку од Штутгарт, супермоделот Петра Немцова го "соблече велот" од новиот Mercedes SUV модел! Се работи за компактен SUV кој според новата номенклатура, го носи називот GLC и претставува наследник на досегашниот, не сосема популарен GLK.
Основата на овој модел е всушност истата платформа на која што се наоѓа и актуелната C-Class, со тоа што од Mercedes наведуваат дека GLC е нешто повеќе простран во ентериерот.
Визуелно, GLC се вклопува во досегашниот дизајнерски правец, а тука првично мислиме на кросовер/SUV моделите, најпрво помалиот GLA, а потоа и големиот GLE. Секако, со оглед на фактот дека е позициониран некаде помеѓу споменатите модели, GLC е нешто повеќе робустен од GLA, а со самото тоа и подобро прилагоден за "off-road" авантури.
Како што веќе стана и пракса кај оваа класа на возила, во понудата ќе има две верзии, една оптимизирана за "off-road" возење, кај која потешко може да дојде до оштетувања на каросеријата, додека другата ќе биде "road" верзија, кај која визуелно ќе бидат потенцирани спортските елементи (20-инчни фелни, агресивни одбојници, издувни цевки, итн.)
Забележително е дека и ентериерот на новиот GLC е речиси идентичен со оној кај актуелната C-Class, од дизајнот на инструмент таблата, па сè до тастерите и командите за климатизацијата. Како опција, GLC нуди и голем панорамски покрив, а просторот во задниот дел, според наведувањата, е речиси идентичен како и кај актуелната E-Class.
Таков напредок, за сета среќа, не е остварен на сметка на багажниот простор, што е всушност една од главните конкурентни точки на Mercedes.
GLC стандардно се испорачува со 4MATIC погон на сите четири тркала, како и деветостепена автоматска трансмисија, а во текот на 2016-тата година е најавена и поевтина, основна верзија, која ќе има погон само на задните тркала.
Што се однесува до погонските единици, еден од најпопуларните секако ќе биде моделот 220d, кој го придвижува 2.1-литарски турбодизел агрегат од 170 КС и 400 Nm вртлив момент. Помоќниот 250d, под хаубата крие мотор со иста зафатнина, кој ослободува 204 КС и 500 Nm вртлив момент.
Кај бензинците во понудата најпрво ќе биде додаден 250 4MATIC кој е опремен со 2.0-литарски турбо бензинец кој ослободува 211 КС и 350 Nm вртлив момент, додека моментално најмоќниот GLC ја носи ознаката 350е (plug-in hybrid) а го придвижува веќе споменатиот бензински мотор, но и електромотор кој ослободува 116 КС и кој обезбедува солидни 560 Nm вртлив момент.
Најавената цена за европскиот пазар ќе се движи од 44.500 евра.