Грција е иритирана од Србија поради Македонија и Косово

Атина ја иритира ставот на Србија во врска со Македонија и Косово, објави порталот на атинската РТВ СКАИ, повикувајќи се на извори во грчкото министерство за надворешни работи.

Според истите извори, „Србија во последно време повлече низа несфатливи потези, вршејќи притисок во Европската унија за решавање на проблемот со името Скопје (Македонија), но иритирачка е и информацијата за наводен притисок на Грција за признавање на Косово“, објави комерцијалната РТВ СКАИ.

Во текстот се вели дека Грција „поради неодамнешните провокативни потези на Белград во врска со Косово и името БЈРМ (Македонија), вложила официјални протести“.


Во врска со прашањето за името, дипломатски фактори нагласиле дека „европските партнери на Грција и покрај интервенциите на Србија, и признаваат на Грција дека на преговорите доаѓа подготвена за компромис“, додека, подвлекуваат, „Скопје треба да го надмине иредентистичкиот менталитет и да попушти со крутите ставови кои попречуваат договор“, пренесува РТВ СКАИ.

Околу српските написи за намерите на Грција во врска со Косово, „извори во Министерството за надворешни работи на Грција објаснија дека политиката на Атина во целост претставува спроведување на договорите потпишани од 2000-тата до 2013-тата година, што со години се чини и што во целост и е познато на владата на Србија“.

Изворите појаснија дека „за признавањето на Косово не се размислува во овој момент и дека Атина ја води својата надворешна политика базирајќи се на националните интереси како критериум“.

Функционери во Министерството за надворешни работи на Грција „со незадоволство укажуваат дека Атина седум години ја поддржува кандидатурата на Србија за прием во Европската унија, иако Белград своевремено потрча да ја признае БЈРМ, врз основа на свои тесни интереси“, пишува на крајот од текстот.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О