Ви пренесуваме дел од колумната на Д – р Татјана Стојаноска Иванова за порталот Фактор:
Туѓината пуста да остане, таа од либето ме раздели, што го љубев леле три години…Стихови од песна која се пеела години и години, на разделби, кога печалбарите заминувале некаде далеку, во краеви за ним непознати, но оделе за подобро утре за себе и за своите ближни, но и на прослави и веселби, кога се крунисувала љубовта меѓу младите и сите славеле во името на таа љубов. Заеднички импулс на сите чествувања проследени со споменатите стихови се солзите што се лееле, во едниот случај радосници – бидејќи се слави љубовта, во другиот случај таговници – за разделбата. И не само овие, уште многу стихови се испеани за разделбите, за туѓината, за печалбарите.
Тие и ден денес се наодминлив декор на секоја веселба по различни поводи, на секоја фамилијарна прослава кога се чествува нешто убаво. Но има нешто суптилно различно за песните некогаш и денес-некогаш се пееле за печалбарите, но надежта останувала кај оние кои го испраќале гурбетџијата дека кога ќе ја оствари својата цел и мисија, дома ќе си дојде, радосен и среќен со нетрпение ќе пристигне во родниот крај, кај саканите и тука ќе ја гради својата иднина и иднината на своите поколенија, а денес, е дене приказната е малку поинаква.
Постојат два излеза за иднината на младите од Македонија
Една шега која деновиве е актуелна на социјалните мрежи гласи вака: постојат два излеза за иднината на младите од Македонија – едниот е аеродромот Александар велики, а другиот е аеродромот Св.Апостол Павле. Колку и сурово да звучи оваа шега и не е далеку од вистината. Навистина тажни и болни се сликите на родители кои ги испраѓаат своите чеда, некаде далеку, но со минимална надеж дека можеби тие некогаш ќе се вратат во родната грутка. Таговноста се чита од нивните лица, болката, скршеноста, немиот поглед и солзните очи се неодминлив декор од нивните лица. Прегратките силни и долги, бидејќи неизвесно е кога следниот пат мајката ќе си го прегрне своето чедо, или таткото ќе има можност милно да разговара лице в лице со своето дете.
Поразителни се бројките на Еуростат и Светска банка за иселувањето на младите
Поразителни се бројките на Еуростат и Светска банка за иселувањето на младите од нашата земја. Кога ќе прочитате податок дека повеќе од 230 000 млади ја напуштиле државата, што е една десетина од вкупниот број на жители на Република Македонија, и заминале некаде далеку да си го бараат своето место под сонцето. А тоа место е далеку од родното огниште, далеку од местото каде си го поминал детството играјќи со другарите, далеку од местото каде ти се случила првата љубов, далеку од местото каде си учел и си се надградувал…Сите тие спомени ги оставаат младите и како велат нашите балкански соседи “трбухом за хрухом” одат да си оставарат и обезбедат егзистенција и подобра иднина. И она што боли и што е поразително е желбата таму да останат и таму да ја планираат иднината.
Целата колумна прочитајте ја на Фактор на следниот линк.