Јохан Тарчуловски, ексклузивно за „Вест", реши јавно да проговори за емоциите сега и за тешките моменти...

-Осум години сето тоа што ми го кажуваше Соња, само го замислував. Затоа засега не можам да се нагледам на се'. Затоа сега не можам да им се изнагушкам. А Соња ја оставам малку да се одмори. Се договоривме јас да бидам со децата. Се' што треба, јас да правам... Не се делам јас од нив, ниту тие од мене, ниту од мојата Соња. Сега сме како едно, вели Јохан за Вест.
На прашањето како му минуваа деновите во затвор, Јохан одговара:
-Деновите во затвор, навистина се многу тешки. Јас утехата и трпението ги пронајдов и изградив во читањето на Библијата. Учев странски јазици. Изработував предмети од глина, кои потоа им ги праќав на блиските. Беше дозволено да играме фудбал во затворот. Но, најбитното од се' што правев таму се молитвите кон Бога.
Запрашан за тоа кои се неговите планови и како ја гледа својата иднина, Јохан вели дека сега му е најважно да биде со семејството и дека се труди со нив да биде што е можно повеќе време. „Мелани и Младен не ме испуштаат, за што сум пресреќен и се чувствувам како во сон, од кој не би сакал да се разбудам. Сакам ова чувство уште малку да потрае, па ќе видиме за понатаму", додава Јохан во интервјуто за „Вест".