Балканот го кандидираше Ѓурѓовден за листата на наследство на УНЕСКО


На иницијатива на Турција, земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, иницираа проект за номинација за вбројување на Ѓурѓовден на листата на нематеријално наследство на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

gurgovden
Во процесот на номинација учествуваа Македонија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Романија, Молдавија и Бугарија, но во финалниот процес на номинации беа изоставени БиХ, Црна Гора и Бугарија.
Помошникот министер за цивилни работи на БиХ Билјана Чамур изјави дека поканата од Турција пристигнала доцна, поради што Бих и неколку други земји не стасале да ги исполнат сите услови до 31 март, кога Турција ја предаде номинацијата во УНЕСКО.
- Соработката меѓу земјите се одвиваше во преписка, усогласување на формулари и на состаноци на учесниците. Два состанока беа во Турција во 2012 година. Заедно со поплнетиот формулар предадовме видео материјали, фотографии, списоци со соодветна литература и согласност од припадниците на локалните заедници и релевантните стручни организации. Резултатите од номинацијата ќе бидат познати во 2014 година, изјави за Анадолија Саша Среќковиќ од Етнографскиот музеј во Белград, кој беше вклучен во процесот на номинација.
Тој дополни дека вбројувањето на Ѓурѓовден како заедничко наследство на неколку држави на листата на УНЕСКО, би имало позитивни ефекти на културната соработка во регионот.
Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население, што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата.
Ѓурѓовден, или Празникот на будење на пролета, препознатлив е во целиот регион и обилува со народни обичаи, кои се прават за заштита, за здравје, за плодност. Ѓурѓовден обично се врзува за ромската популација, со оглед на тоа дека Ромите го одбележуваат како свој најголем културно-верски празник.
Обичаи и верувања поврзани со Ѓурѓовден
На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. 
Во животот на нашиот човек со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. Кај нашиот народ на Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, козари, говедари, потоа селски одборници, полјаци, протуѓери и сл. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките, на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно место заземаат песните познати како билјарски песни што се пеат при берењето на билките. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магиската моќ на билките.
Вечерта спроти Ѓурѓовден се оди „на потка“ во блиските планини. Се берат разни билки како: кукурек, здравец, вратика, потоа гранки од леска, даб, дрен и др. Тогаш се се пеат многу песни познати како билјарски песни.
Со потките се запотнуваат не само куќите плевните, туку и амбарите, плуговите, ношвите, бутинот, каците, бочвите и сл. Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката и се верува дека  стоката накрмена на овој ден и со овие билки ќе биде поотпорна на болести во текот на целата година.
Посебно значаен обичај што се изведува на Ѓурѓовден е нишањето или лулањето. На дрвата, гредите и сл. се обесуваат ортоми и децата како и повозрасните девојки и момчиња како и млади невести се нишаат. Лицето што е на нишалка со себе носи црвено јајце за да е бело и црвено како јајцето. Во Мариово пак тие што се нишале во рацете држеле и сребрен-предмет (најчесто прстен) потоа коприва, огојка (трева) и камен.
Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Ѓорѓија ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место и на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија опеана е и во некои песни и раскажана во некои преданија. И во другите митолошки песни ламјата е опеана како негативен демон кој ги уништува летните посеви.
Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден оние со билките, оние што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на природата и сл. упатува на сознанието дека Ѓурѓовден е пред се сточарски и земјоделски празник, а Свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој, како што се пее и во  песните, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви од народната култура. 

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О