Братучедите Александар и Борче Стаиќ, Горан Ѓоргиев, Живко Колев и
Филип Биркаш на возраст 27 и 28 години наместо да се подготвуваат за
свадбата на својот пријател утре нивните родители ќе ги погребат на
градските гробишта во Бутел, пренесува Канал 5.
Во трагична сообраќајна несреќа кај „Рампа“ во скопска Кисела Вода
животот го изгубија овие петмина млади скопјани ноќеска околу 3 часот.
Тага болка и молк во домот на братучедите Александар и Борче во
Кисела Вода. На истата улица е и домот на Горан. Другите две момчиња
живееле во Гази Баба.
Роднините и пријателите на момчињата велат дека тие ноќеска се враќале од забава во чест на пријател кој треба да се жени.
БМВ -то со кое се движеле по „Јужен булевар“ излетало од улицата и
удрило во зградата на Пазарна инспекција. Трагите од крв на ѕидот
сведочат за страшната сообраќајка. Откако утрово беше изваден
автомобилот од подрумските простории на Пазарната инспекција попладнево
се расчистуваше хаосот кој остана по силниот удар со кој автомобилот
влетал во магацинот.