Новите фотографии од севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун во јавноста предизвикаа нови шпекулации дека тој е сериозно болен.
Ким во понеделникот посетил фарма во близина на Пјонгјанг, облечен во летен костум и со шапка на главата. Но, на фотографиите кои ги објави севернокорејската агенција KCNA, тој навистина изгледа како да не му е добро.

Имено, аналитичарите оценуваат дека диктаторот, за кој се претпоставува дека наполнил 32 години, има сериозни проблеми со тежината. Покрај тоа, се чини дека ги наследил истите болести како неговиот татко кој починал од висок крвен притисок и дијабетес, пишува британски „Телеграф“.
За потсетување, Ким Јонг Ун кон крајот на минатата година не се појавуваше во јавноста неколку недели, а после тоа бил виден како оди со помош на стап.

Доколку здравствената состојба на лидерот се влоши, раководењето со државата најверојатно би го превзел постариот брат Ким Јонг Нам.
Инаку, додека владејачката династија на Северна Кореја ужива во кулинарски специјалитети од сите краеви на светот, народот оваа година се соочува со најголемата суша во изминатите три децении, која ќе предизвика голем недостаток на храна. Сушата целосно ги уништила посевите, а полињата со ориз се без капка вода веќе со месеци.

Според извештајот на ОН, 70% од жителите на Северна Кореја спаѓаат во групата на „несигурни“, во однос на снабдувањето со храна, што е загрижувачки податок.