Измачени преку целата година за да преживеат, секоја вечер со трактори и запрежни коли полни со домати, пиперки, краставици, зелки и други земјоделски производи го полнат пазарот и ги чекаат откупувачите. Но утрово нив ги немаше, па беа принудени да ги фрлаат доматите, пиперките и зелката кои не можеа да ги продадат.
„Воопшто не сме задоволни, затоа што самото производство на доматите не чини околу 22 околу денари, а не да ја продаваме 12 денари за килограм и како мисли нашата власт да опстојуваме и уште ни праќа дома извршители оти не можеме да си ги платиме кредитите и давачките. Ако вака продолжи ќе бидеме принудени да запросиме веќе. Тоа е жално, да произведуваш, а да не можеш да продадеш и еден денар да им дадеш на децата. Тоа на ништо не личи. Ако можат да помогнат арно, ако не, нека станат и нека си одат. Министерството треба да знае оти ние имаме големи производствени трошоци и проблем со пласманот. Не тераат да инвестираме и викаат биди земјоделец, како да бидеме кога со оваа цена три години не ќе можеме да се освестиме“, вели Миле Трајчев од селото Василево кој има засадено 7 илјади корени домати и од нив очекуварод од околу 22 тони.
Со голем револт зборуваше и Димитар Венчов, земјоделец од Богданци.
„Веќе цела недела откупот е катастрофа и никој ништо не презема, а ние никако не можеме трошоците да ги покриеме. Штета голема, а само зборуваат по телевизиите супер е, да се инвестира во земјоделството, луѓето да се вратат на село и да работат, Како да работат кога гледаат дека само потта ни останува, а пари нема. рече Димитар Венчов од Богданци.
Најголем е револтот меѓу земјоделците во селото Баница кои велат дека уште субвенции немаат земено па 150 жители ги оставиле пластениците и заминале како азиланти во Германија.
Ако деновиве не се подобри откупот на земјоделските производи земјоделците најавија масовни протести и граѓанска непослушност.