„Сè уште е непознат мотивот за тешкиот вооружен инцидент што се случи вчера во доцните вечерни часови во кафуле во Тетово, при што едно лице загина, а 10 се ранети или повредени“. Ова го изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, нагласувајќи дека истрагата за инцидентот е на самиот почеток.
Тој истакна дека информациите кои беа објавени во дел од медиумите дека мотив за инцидентот била расправа за девојка се чиста шпекулација и дека нема никаква официјална потврда за такво нешто.
Јосифовски информираше дека полицијата има еден осомничен за пукањето, кој бил непосреден учесник во инцидентот и дека по истиот интензивно се трага.
Според податоците А.А. се здобил со смртни повреди од огнено оружје во стомакот и градниот кош.
Тој им подлегнал на повредите на пат за скопските болници и по наредба на јавен обвинител врз неговото тело ќе се изврши обдукција.
Уште шест други лица кои се наоѓале во објектот, на возраст од 20 до 25 години, здобиле повреди од огнено оружје, најмногу во долните екстремитети. Поради сериозноста четири од нив биле пренесени на скопските клиники, додека останатите две биле задржани на лекување во тетовската клиничка болница.
Други четири лица завршиле со телесни повреди, расеченици, набиеници и друго и откако биле пренесени во тетовската болница по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување.
Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид на местото на престрелката, каде биле пронајдени и подигнати за вештачење повеќе траги.